Местоположба

Општина Зелениково е општина во северниот дел на Република Македонија, сместена во крајниот југоисточен дел на Скопската котлина во близина на градот Скопје. Поточно општината Зелениково се наоѓа во горното Повардарие, во средото течение на реката Вардар во близина на сливот на Кадина Река и Пчиња. Територијата на општина Зелениково зафаќа површина од 176,95 km2 . Општината Зелениково се граничи со 4 општини и тоа: Велес од југ и југоисток, Чашка од југ, Студеничани од запад и Петровец од север и североисток. Самата општина има изразит рурален карактер и во своите граници опфаќа 14 населени места, од кои сите селски населби. Населението на општина Зелениково брои 4077 жители , што во однос на големината на територијата на општината покажува дека општина Зелениково има густина на населеност од 23,04 жители на km2, што ја вбројува во редот на ретко населени подрачја.

Симболи

Знаме на општината

Грб на општината

Историја

Општина Зелениково е формирана како посебна општина во денешните граници со Законот за територијална организација на општините од 1996 година, а претходно била во рамките на Општина Кисела Вода и Општина Скопје во периодот на СФРЈ.

Со предлог Законот за територијална организација на општините во 2004 беше предвидено Општина Зелениково да се припои кон Општина Петровец, меѓутоа Општината Зелениково остана самостојна општина со поголеми можности за сопствен развој.

Потекло и значење на името

Зелениково го добило своето име поради растението зеленика (лат. Buxus, позната и како шимшир), која е многу застапена на ридовите над Зелениково. Од дрвото на ова растение се изработуваат дрвени порти, греди и музички инструменти како кавали по кои се познати свирачи кои и денес живеат во Зелениково. Дополнително објаснување е извонредно зелената околина на селото Зелениково во чиј атар нема карпести или голи места.

Знаменитости

На територијата на Општина Зелениково се наоѓаат повеќе културно-историски споменици и знаменитости. Во рамките на општината Зелениково се наоѓаат повеќе постари средновековни цркви и манастири меѓу кои: познатиот манастир „Свети Архангел Гаврил“ во селото Зелениково од XIV век, возобновен во 1845/46 година, манастирот „Свети Ѓорѓија“ и црквата „Воскресение Христово“ во Станица Зелениково, црквите „Свети Димитрија“ од XIV век и „Свети Илија“ од XVII век во селото Таор, а во Ново Село постои црквата „Свети Талеа“ од средновековието возобновена во 1896 година.

Археолошки наоѓалишта

  • Остатоците од античкиот град Тауресиум во кој е роден византискиот император Јустинијан I се наоѓа во близината на селото Таор.
  • Слатина, населба од неолитското време. Се наоѓа на 200-300 m пред влезот во селото, лево од патот и железничката пруга, на пространа тераса што се издига над старото корито на Вардар, на десната страна. Поголем дел од теренот е обработлив и е сопственост на ЗИК „Светлост“. Со длабокото орање и садењето на овошки површинските слоеви се оштетени и развлечени. Локалитетот е откриен уште во 1950 година, кога е извршено и првото пробно ископување. Подоцна, со ископувањата во 1954 и 1955 година, а особено во 1974 и 1975 година се откриени остатоци од куќи (лепеж) и разни предмети од материјалното производство, особено од керамика. Се работи за поголема населба од средниот неолит, со подолга интерна еволуција, истовремена со населбите од културната група Анзабегово-Вршник II-IV. Посебно значајни се наодите од последниот слој на населбата, од времето на доцниот неолит, според кои е воведена нова културна група наречена Зелениково II. Наодите се чуваат во Музејот на град Скопје.
  • Црквиште, кастел од доцноантичкото време. Се наоѓа на 1 km југозападно од селото и 2 km северозападно од железничката станица, на височинка што се издига над составот на Зелениковска Река и реката Дартошама. На простор од околу 110 x 55 m се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал, а околу него остатоци од ѕидови од одбранбен бедем и кули. На неколку места се забележуваат темели од помали градби, а има и темели од голема трикорабна базилика.

Економија

Населението во Општина Зелениково се занимава со примарни и секундарни стопански дејности. Најразвиено е земјоделството односно полјоделството и сточарството. Поради поволноста на теренот и високата плодност на земјиштето во пределот околу реката Вардар е најзастапено полјоделството, пред се одгледувањето на житни култури (пченица, јачмен, овес, ’рж, пченка), градинарски култури (зелен пипер, домат, морков, кромид, лук, спанаќ, марула) како и индустриските култури (луцерка, фуражна пченка, детелина). Идеалните услови кои ги нудат ридските предели на општина Зелениково, последната деценија повторно го вратија и развија сточарството посебно козарството, по кое оваа општина е далеку позната, пред се по прочуеното козјо сирење и млеко од неколкуте млекарници од Таор, Пакошево и Зелениково. Покрај козарството, доста развиено е и овчарството. Покрај земјоделството и сточарството развиено е и индустриското производство во прехрамбената индустрија и фабриката за компјутерски микрочипови во село Орешани.